Асоцијацијата за Демократски Развој на Ромите Сонце- Тетово во партнерство со Група за малцински права – Лондон во Скопје организираа годишна средба на Мрежата за застапување на правата на Ромите

На 06 јуни 2018 година се одржа втората годишна средба за вмрежување и стратешко поврзување на мрежата на која се дискутираше за активностите за застапување реализирани во рамки на проектот во 2017 и 2018 година и планот за застапување за шесте идентификувани приоритетни области (анти- дискриминација, образование, здравство, домување, социјална заштита и вработување), а беа дискутирани и нови ставки за вклучување во годишниот план.

Исто така, на средбата претставник на Канцеларијата на Народниот правобранител направи кратко резиме за извештајот на Народниот правобранител за 2017 година и презентираше наоди поврзани со Ромите. Претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права презентираше најнови информации во врска со новиот предлог Закон за заштита и спречување од дискриминација.

На 07 јуни 2018 година се одржа втората координативна средба на мрежата за застапување на меѓународно ниво на која се дискутираше за Универзалниот периодичен извештај и процедурата за известување во сенка од страна на Комитетот за елиминирање на дискриминацијата врз жените, запознавање со препораките од претходниот Универзален периодичен извештај кои се однесуваат на Ромите. На средбата се идентификуваа главните прашања поврзани со Ромите и со ромските жени кои треба да бидат опфатени со извештајот во сенка.
Овие настани се организирани како дел од компонентата застапување кон органите на власт во рамки на проектот Од акција до еднакви права на Ромите финансиран од Европската Унија. Проектот има за цел да поттикне поголемо и ефективно учество на ромската заедница во одлуките кои влијаат на нивните животи со цел влијанието во креирањето на политиките да придонесе кон намалување на дискриминацијата со која се соочува ромската заедница.

Целта на мрежата е преку поголема соработка и здружување на напорите на повеќе релевантни чинители за човекови права да се зголеми влијанието во спроведување на кампањи и застапувањето како и во адресирањето на дискриминацијата со која се соочува ромската заедница. Во неформална мрежа членуваат околу 30 граѓански организации кои работат во областа на човековите права, дискриминација, ромски прашања, правни експерти, Народниот правобранител како и меѓународни организации.