Трета Национална Тркалезна Маса

Асоцијацијата за Демократски Развој на Ромите Сонце- Тетово oрганизираше Национална тркалезна маса која се одржа на 03 декември 2019 година (вторник) во Хотел Мериот во Скопје. На присутните прво им се обрати Вирве Вимпари, Раководител на Оддел за оперативни работи 2 во Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија која говореше за напорите и средствата кои Европска Унија ги вложува за подобрување на статуст на Ромската заедница во РСМ. Воведно обраќање имаше и Музафер Бајрам, Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за унапредување на состојбата на Ромите во РСМ, за улогата што ја има Кабинетот на Министерот без ресор во насока на исполнување на стратешките определби согласно Стратегијата за Роми 2014- 2020 година, со цел да се овозможи подобрување и зајакнување на положбата на Ромите во државата. Извршниот директор на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите Сонце, Ферди Исмаили ги истакна дел од успесите кои организацијата ги има постигнато во последните години од своето долгогодишното постоење, насочени кон зајакнување и подобрување на статусот на Ромската заедница на национално ниво. Презентација на постигнувањата и резултатите на проектот имаа Маргита Стојановиќ, координатор на проект Од акција до еднакви права за Ромите при АДРР Сонце и Игор Јадровски, Правник во Групата за малцински права од Лондон.
Организациите членки на Мрежата за застапување на правата на Ромите ги презентираа специфичните проблеми на ромската заедница по клучни области и препораки кои се содржани во заедничкиот план на Мрежата и дискутираа со претставниците на државните институции за неопходните чекори кои треба да се преземат за справување со проблемите од клучните области: образование, вработување, здравство, домување, социјална заштита, како и меѓусекторските прашања: дискриминација, правна неписменост и родова нееднаквост. Во Мрежата за застапување на правата на Ромите членуваат околу 30 домашни организации и 10 ромски медијатори.

Овој настан се одржа во рамки на проектот “Од акција до еднакви права на Ромите” финансиран од Европската Унија кој го реализираат Асоцијација за Демократски Развој на Ромите Сонце- Тетово во партнерство со Групата за малцински права од Лондон. Проектот има за цел да поттикне поголемо и ефективно учество на ромската заедница во одлуките кои влијаат на нивните животи со цел влијанието во креирањето на политиките да придонесе кон намалување на дискриминацијата со која се соочува ромската заедница.