Средба за застапување со претставник на Сектор за еднакви можности при МТСП

На 23.12.2019 година претставникот од Групата за малцински права Лондон (МРГ) и претставник од АДРР Сонце одржаа средба за застапување со претставник на Сектор за еднакви можности. Целта на состанокот за застапување беше да се информира Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика за најдокументираните случаи во периодот на проектот, да се дискутира за мотивирање на ромската заедница да известува за случаи на дискриминација, воедно се разговараше за потенцијална соработка за формирање правни центри во општините каде што се спроведува проектот и да се разговара за избор на комесари на Комисијата за превенција и заштита од дискриминација.
Оваа средба беше организирана во рамки на проектот Од акција до еднакви права за Ромите финансиран од Европската Унија, имплементиран од страна на АДРР Сонце во партнерство со МРГ.

Средба со Заменик Народниот Правобранител

На 19.12.2019 година претставникот од Групата за малцински права Лондон (МРГ) и преставник од АДРР Сонце одржаа средба за застапување со Заменик Народниот Правобранител. Целта на средбата беше да се застапува за проблемите со кои се соочува ромската заедница, а кои се во поле на интерес на работата на Народниот правобранител. Воедно беше договорено заедничко доставување на претставки до меѓународните тела за човекови права.

Оваа средба беше организирана во рамки на проектот Од акција до еднакви права за Ромите финансиран од Европската Унија, имплементиран од страна на АДРР Сонце во партнерство со МРГ.

Теренска посета со Правната клиника (мобилна клиника)

На 05.12.19 беше реализирана теренска посета со Правната клиника (мобилна клиника) во ромските населби во општините Кичево и Дебар, каде што студентите заедно со правникот од МРГ и медијаторите имаа прилика да разговараат директно со лицата кои се дискриминирани и жртви на прекршувања на човековите права. Оваа теренска посета се реализираше во рамки на проектот Од акција до еднакви права на Ромите финансиран од Европска Унија, имплементиран од АДРР Сонце во партнерство со Групата за малцински права од Лондон.

Трета Национална Тркалезна Маса

Асоцијацијата за Демократски Развој на Ромите Сонце- Тетово oрганизираше Национална тркалезна маса која се одржа на 03 декември 2019 година (вторник) во Хотел Мериот во Скопје. На присутните прво им се обрати Вирве Вимпари, Раководител на Оддел за оперативни работи 2 во Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија која говореше за напорите и средствата кои Европска Унија ги вложува за подобрување на статуст на Ромската заедница во РСМ. Воведно обраќање имаше и Музафер Бајрам, Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за унапредување на состојбата на Ромите во РСМ, за улогата што ја има Кабинетот на Министерот без ресор во насока на исполнување на стратешките определби согласно Стратегијата за Роми 2014- 2020 година, со цел да се овозможи подобрување и зајакнување на положбата на Ромите во државата. Извршниот директор на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите Сонце, Ферди Исмаили ги истакна дел од успесите кои организацијата ги има постигнато во последните години од своето долгогодишното постоење, насочени кон зајакнување и подобрување на статусот на Ромската заедница на национално ниво. Презентација на постигнувањата и резултатите на проектот имаа Маргита Стојановиќ, координатор на проект Од акција до еднакви права за Ромите при АДРР Сонце и Игор Јадровски, Правник во Групата за малцински права од Лондон.
Организациите членки на Мрежата за застапување на правата на Ромите ги презентираа специфичните проблеми на ромската заедница по клучни области и препораки кои се содржани во заедничкиот план на Мрежата и дискутираа со претставниците на државните институции за неопходните чекори кои треба да се преземат за справување со проблемите од клучните области: образование, вработување, здравство, домување, социјална заштита, како и меѓусекторските прашања: дискриминација, правна неписменост и родова нееднаквост. Во Мрежата за застапување на правата на Ромите членуваат околу 30 домашни организации и 10 ромски медијатори.

Овој настан се одржа во рамки на проектот “Од акција до еднакви права на Ромите” финансиран од Европската Унија кој го реализираат Асоцијација за Демократски Развој на Ромите Сонце- Тетово во партнерство со Групата за малцински права од Лондон. Проектот има за цел да поттикне поголемо и ефективно учество на ромската заедница во одлуките кои влијаат на нивните животи со цел влијанието во креирањето на политиките да придонесе кон намалување на дискриминацијата со која се соочува ромската заедница.

Средба за застапување во Општина Штип

На 22 ноември 2019 година, претставници на АДРР Сонце остварија средба во Општина Штип со Соња Китанова, Секретар на Општина Штип и Ерол Адемов, виш референт за односи со заедниците. Претставниците на АДРР Сонце ја иницираа можноста за подобрување на пристапот до правда, подобрување на  јавни  и правни услуги за ранливите категории на граѓани преку воспоставување на Центар за пристап до правда. Претставниците на Општина Штип споделија искуства дека во рамки на Општината веќе успешно функционира Општински центар за услуги на граѓаните со годишен опфат од 6000 лица.  Посебен фокус на средбата беше опслужувањето на ранливи категории на граѓани и типот на услуги кои ги обезбедува Центарот. Најчестите проблеми за кои се обраќаат припадниците на ромската заедница се проблеми во остварување на правото на образование на децата повратници и правата на социјална и здравствена заштита на повратниците. Во таа насока општинските служби помагаат во  воведување на лица во евиденција во Центарот за вработување, овозможуваат вклучување во Програмата Општинско- корисна работа или во комунални и услужни работи на ЈП на лица со неоформено образование, помош при упис за продолжување на образованието, упатуваат на нострифицирање на документ за завршено образование доколку постои. За лицата сместени од 2012 година во старото нервно одделение се обезбедува мобилен тим за упатување на вакцинација, упис во Матична книга на родени и упис во образовните институции. За нив Општината ќе аплицира со основен проект до Кабитенот на Министерот без ресор и МТСП за долгорочно да се реши проблемот. Општина Штип има формирано и тело за анти- дискриминација, а граѓаните можат преку веб страната на Општината да поднесат претставка во случај на повреда на право или дискриминација. Успешното функционирање на ваков Центар во Општина Штип се должи на посветената работа на четири вработени во Центарот како и на заедничката локација на Општината и најголемиот дел од подрачните единици на државните и јавните институции во општина Штип. Примерот на Општина Штип ќе биде споделен како добра практика во останатите Општини опфатени со проектот.

Оваа средба беше организирана во рамки на проектот од Акција до еднакви права за Ромите финансиран од Европската Унија и ко- финансиран од Фондација Отворено Општество- Македонија во рамки на проектот Унапредување на локални политики за подобрување на пристапот до правда.

Средба за застапување во Општина Тетово

Денеска, на 21 ноември 2019 година, проектниот тим на АДРР Сонце, медијаторот од ромската заедница и преставници на Фондација Отворено Општество-Македонија во Општина Тетово се сретнаа со Секретарката на Општина Тетово г-ѓа Славица Серафимовска и референтот за ромски прашања г-ѓа Шефкете Хамза. На средбата ромскиот медијатор ги спомна двете најгорливи проблеми за кои веќе подолго време се лобира и се изнаоѓаат можни начини за решавање на овие проблематики, а тоа се улицата “29-ти Ноември“ (Красниќи) и улицата “146“. Главни проблеми во ул.“29-ти Ноември“ се инфрастуктурата и воспоставувањето на канализациона и водоводна мрежа, а проблемите во ул.“146“се: легализирањето на изградените куќи и исто така воспоставување на водоводната и канализациона мрежа. Секретарката кажа дека е добиено грант во рамки на Ромактед програмата, кои средства од грантот ќе се искористат за решавање на инфраструктурните и другите проблеми на ул.29-ти Ноември, а средствата наменети за ромската заедница од буџетот на Општина Тетово се искористени за вработување на негувателка ромка во градинка и за плаќање на партиципација за во градинка на 20 деца роми. За проблемите на ул.146 беше кажано дека се малку потешки за решавање затоа што куќите изградени таму се дивоградби и никако засега не можат да се легализират и да се воспостави канализациона и водоводна мрежа. Исто така беше кажано дека ќе се направи нов Генерален Урбанистички План (ГУП), но таа процедура може да потрае и до две години. Друга тема на средбата беше претставувањето и можноста за подобрување на пристапот до правда и јавните услуги за ранливите категории на граѓани преку воспоставување на Центар за пристап до правда. Претставниците на Општината споделија дека ќе се обидат да да се најде некоја просторија која би служела за целите на Центарот. Претставниците на АДРР Сонце и ФООМ разговараа за можноста за вклучување на параправниците/медијаторите во работата на овој Центар до оглед на нивната клучна улога на поврзување на заедницата со институциите и информирање на населението.
Оваа средба беше организирана во рамки на проектот од Акција до еднакви права за Ромите финансиран од Европската Унија и ко- финансиран од Фондација Отворено Општество- Македонија во рамки на проектот Унапредување на локални политики за подобрување на пристапот до правда.

Средба за застапување во Општина Берово

На 20 ноември 2019 година проектниот тим на АДРР Сонце, медијаторот од ромска заедница во Општина Берово се сретнаа со градоначалникот на Општина Берово г-дин Звонко Пекевски, раководител на сектор за локален економски развој г-дин Ѓорѓи Пеовски и раководителката на сектор за образование г-ѓа Билјана Марковска На средбата се правеше пресек на реализирани активности од изминатиот период. Ромскиот медијатор на кратко презентираше тековни предизвици, исто така се зборуваше за постигнувањата во рамки на проектот во текот на овие три години. На средбата беше претставена и можноста за подобрување на пристапот до правда и јавните услуги за ранливите категории на граѓани преку воспоставување на Центар за пристап до правда.
Оваа средба беше организирана во рамки на проектот од Акција до еднакви права за Ромите финансиран од Европската Унија и ко- финансиран од Фондација Отворено Општество- Македонија во рамки на проектот Унапредување на локални политики за подобрување на пристапот до правда.

Средба за застапување во Општина Виница

Проектниот тим на АДРР Сонце и медијаторите од ромска заедница на 20 ноември 2019 се сретнаа со секретарот на Општина Виница г-дин Митко Илиевски и референтот за односи со малцински заедници г-дин Демир Османов. На оваа средба за застапување се разговараше за тековни предизвици во делот на образованието кои медијаторите ги идентификувале во текот на нивната теренска работа Исто така од страна на секретарот беа споделени и идни планови за реализација на проекти во локално ниво. Покрај другото на средбата беше претставена и можноста за подобрување на пристапот до правда и јавните услуги за ранливите категории на граѓани преку воспоставување на Центар за пристап до правда.
Оваа средба беше организирана во рамки на проектот од Акција до еднакви права за Ромите финансиран од Европската Унија и ко- финансиран од Фондација Отворено Општество- Македонија во рамки на проектот Унапредување на локални политики за подобрување на пристапот до правда.

Средба за застапување во Општина Дебар

На 12 ноември 2019 година проектниот тим на АДРР Сонце, медијаторот од ромската заедница и претставници на Фондација Отворено Општество- Македонија во Општина Дебар се сретнаа со Или Мирзо- Секретар на Општина Дебар, Фуат Спахиу – член на Совет на Општина Дебар, – раководителот на сектор за урбанизам и Урим Куртиши- референт за ромски прашања. На средбата се разговараше за поставување на канализациона мрежа на една од улиците каде живее ромско население за што беа дадени цврсти гаранции за реализација од страна на претставниците на Општината. На средбата беше претставена и можноста за подобрување на пристапот до правда и јавните услуги за ранливите категории на граѓани преку воспоставување на Центар за пристап до правда. Претставниците на Општината споделија дека во Општината веќе функционира Центар за услуги на граѓаните кој има слична улога. Претставниците на АДРР Сонце и ФООМ разговараа за можноста за вклучување на параправниците/медијаторите во работата на овој Центар до оглед на нивната клучна улога на поврзување на заедницата со институциите и информирање на населението.
Оваа средба беше организирана во рамки на проектот од Акција до еднакви права за Ромите финансирам од Европската Унија и ко- финансиран од Фондација Отворено Општество- Македонија во рамки на проектот Унапредување на локални политики за подобрување на пристапот до правда. 

Средба за застапување со преставници на Министерство за образование и наука

Проектниот тим на АДРР Сонце и правникот на МРГ-Лондон денеска на 07.11.2019 година одржаа работна средба со преставници на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците на која што се дискутираше за определени предивници со кои се соочува ромската заедница во областа на образованието, за претставката адресирана до Специјалниот известувач за малцински прашања и за ажурираниот акциски план кој е продукт на Мрежата за застапување. Најголемите предизвици со кои се соочува ромската заедница во областа на образованието се: недостигот на учебници од шестто до деветто одделение, немање на катедра на ромски јазик и недостиг на професори по ромски јазик и сегрегацијата.

Советникот за босански јазик, објасни дека повеќе пати имаат објавени повик за формирање на авторски тимови за  изработка на ракописи за учебници  во основно образование, но нажалост тие ракописи не ги исполнувале условите и затоа не биле одобрени од страна на Рецензентската комисија. Што се однесува на проблематиката со катедрата за ромски јазик, советникот објасни дека отварање на катедра на јазик не е надлежност на Министерството за образование и наука, туку на самите универзитети, понатаму објасни дека за да се има катедра на ромскиот јазик, треба да се има најмалку пет доктори на науки на ромскиот јазик и литература, и дека во оваа насока нешто е направено, со тоа што ромскиот и влашкиот јазик се внесени како изборни предмети, но нема заинтересирани студенти и моментално се неактвини. Како препорака на советникот во врска со учебниците на ромски јазик беше тоа дека, треба да се направи еден добар авторски тим, кој ќе работи интензивно и нема да избрзува, за на крај да имаат квалитетни учебници.

Оваа средба за застапување се реализираше во рамки на проектот Од акција до еднакви права на Ромите финансиран од Европска Унија, имплементиран од АДРР Сонце во партнерство со Групата за малцински права од Лондон.