Национална средба за застапување со Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за имплементација на Националната Стратегија за подобрување на статусот на Ромите во Република Северна Македонија

На 19.08 претставниците на АДРР Сонце одржаа национална средба за застапување со Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за имплементација на Националната Стратегија за подобрување на статусот на Ромите во Република Северна Македонија, односно со самиот министер Музафер Бајрам и советничката Сенада Ламовска.

Главна цел на ова средба беше да се дискутираат проблемите кои се идентификувани најчесто од страна на медијаторите на терен и да се лобира за да се решат овие проблеми. Повеќето идентификувани проблеми се колективни, но има и индивидуални случаеви на дискриминација, кршење на права и предрасуди. Од колективните проблеми најгорлив е проблемот на четриесетина семејства од ромската заедница кои веќе неколку години живеат во напуштена нервна болница во нехумани услови, без вода за пиење, спиење на земја и други нечовечки состојби. Други идентификувани колективни проблеми се поврзани со домување, канализациони и водоводни инфраструктури, нееднаков третман на пациенти Роми од страна на медицинскиот персонал. Друг проблем за кој се дискутираше во средбата е недовербата на заедницата кон институциите и тешкотиите на медијаторите да ги убедуваат луѓето да покренат постапки против сторителите. Трет проблем е сегрегацијата во основни училишта каде што секоја година има по најмалку две паралелки само со ромски ученици. За овој проблем претставниците од општина кажаа дека овој проблем се случува поради тоа што родителите на овие деца за време на регистрација на ученици одат на сезонска работа и кога се враќаат во Октомври месец дотогаш одделенијата се веќе формирани и затоа се случува да се формираат нови паралелки со само ученици Роми.

Министерот кажа дека за случаите на дискриминација може да се направи нешто само ако самите луѓе на кои им е повредено правото сакаат да покренат постапка. Во врска со домувањето беше кажано дека веќе се прават средби со градоначалници од општини каде овој проблем е најистакнат и дека во некои општини веќе е направен проект-план за изградба на тип куќички  за ранливите семејства од ромската заедница и доколку овој план се покаже успешен истиот ќе биде имплементиран и во другите општини каде што има слични проблеми. Министерот исто така спомна дека тој е секогаш спремен и во услуга на граѓаните и невладинити и секако дека може заедно да се лобира за решавање на проблемите. Оваа средба за застапување се реализираше во рамки на проектот Од акција до еднакви права на Ромите финансиран од Европска Унија, имплементиран од АДРР Сонце во партнерство со Групата за малцински права од Лондон.